| Уметник кој истражува и размислува |
| 9.10.2008. | |
|
Игор Јосифов (1985 г.) своите студии, по школувањето во училиштето за применета уметност во Скопје ги оформува во Сан Франциско, каде што денес живее и работи. Младиот Јосифов, според прегледаниот (главно по електронски пат) материјал решително ги остварува барањата и императивот на нашето време. Тој се сообразил со општите норми и стандарди кои важат во светската практика, а тоа значи да се реагира брзо и да се биде присутен во еден светски центар. Тоа значи да се биде поцелосно ангажиран и забележан во културната јавност. Јосифов организирал повеќе самостојни изложби и земал учество на повеќе заеднички тематски изложби и проекти. Некои сочувани дела во родниот град Кавадарци недвосмислено покажуваат дека станува збор за автор кој прави промислен избор и технички сигурно ги изведува своите дела и проекти. Тој знае да прави керамика со чисти форми и орнаментика, да обликува во скулптура некој едноставен мотив или графички листови во кои преовладуваат чисти линии и површини, како и хармонија на светлиот редуциран колорит. Човечкиот лик во нив е повод за ликовно естетско преобликување. Земајќи некои рустикални предмети тој ги преобразува во дела со друго значење. Афинитетот за јасна конципираност придонела за успешна употреба на фотографијата и создавањето посложени мултимедиумски дела. Јосифов го развива и својот однос кон перформансот, наоѓајќи се во близина на светската уметница Марина Абрамовиќ. Темите што ги обработува имаат универзално значење и кога се однесуваат на некој "наш" специфичен проблем од општествениот и социјален живот. Неговиот ликовен јазик е комуникативен, тој констатира една состојба и предлага хумана разрешница образложена "мозаично" што на пораката и дава специфична сложеност. По исчезнувањето на претставувачката и концептуалната уметност од крајот на 80-тите години уметноста во нови услови почна да се остварува низ разни видови на документирање (фотографија, филм, видео лента, диск), како и во филозофските и анторополошките науки, семиотиката и социологијата. Репродукцијата и за Јосифов е секундарен објект со уверување дека уметноста мора да се создава врз основа на она што е "веќе изградено", врз основа на веќе создаденото. Истражувањето и размислувањето се дел од неговата работа која се карактеризира со сигурен приод и познавање на медиумите. Станува збор за естетски "дотерани решенија", како и за критички анализи со порака како своевиден дискурс за современост. Темите "од животот" се претставени како проектирани "слики" или конструкција од еден врамен свет, што не го идентификува, снимен во делови. Уметноста, во својата суштина тежнее кон ирационалното и потсвесното. Токму тоа може да се насети во проектот "Помеѓу" во кој ја обработува темата на конфликт меѓу луѓето од двете религии: христијанската и муслиманската (тема што е обработувана и од други уметници кај нас). Јосифов пред американската публика го извел перформансот кој е дел од проектот: на главата на уметникот, кој е физички присутен се поставени две кожени блиндер маски, кои имаат симболично значење на две традиции и религии, посебно на мисла, емоција и искуство. Главата на уметникот е "примарен медиум" објектот - маските ставени на главата ги репрезентираат "лимитите кои се создадени од начинот на живеењето во религијата, етиката и идеологијата". Локацијата на проектот (што е предложен за реализација) е конципирана на плоштадот "Македонија" во Скопје, на двата брега на реката Вардар (означени со два билборди), што со својата вода ќе симболизира "прочистување на минатото, со цел за подобра иднина" на двата спротивставени етникуми. Основната намена на проектот (во кој перформансот има посебно значење) е "да ја подигне свеста на народот" и да "помогне да се промени идеологијата на начинот на живеење". Имајќи ги предвид досегашните информации, делото на Игор Јосифов заслужува пообемна елаборација, затоа што станува збор за автор со забележителни вредности. |
| < Претходно | Следно > |
|---|






Целта на порталот како прв и единствен од ваков вид во Македонија е да им даде целосна и вистинита информација на сите баратели но и потенцијални корисници на стипендии , доделени во Македонија или од странство .