|
Некои од невработените својата шанса ја чекаат пет или повеќе години
И покрај големата невработеност, бројот на новозапишани студенти на државните и приватни универзитети лани беше највисок
Расте бројот на невработените со високо образование во Македонија. Според податоците од Агенцијата за вработување од вкупно 348.369 невработени, околу 20.000 се лица што завршиле високо образование. Некои од невработените својата шанса ја чекаат и по пет или повеќе години. Годинава бројот на невработените со завршено високо образование пораснал за 1.000.
Вкупниот број на невработените во минатата година изнесувал 344.323, а сега е за 4.000 зголемен.И покрај големата невработеност, бројот на новозапишани студенти на државните и приватни универзитети лани беше највисок во споредба со претходните две и изнесуваше вкупно 16.192 бруцоши.
Бројката на ново запишани студенти е за 3.500 поголема отколку во 2007, а скоро двојно повеќе од 2006 година, кога биле запишани вкупно 8.847 бруцоши. Магистрантката Е.Р. која пред пет години завршила со висок успех, се' уште чека шанса да се вработи. Таа вели дека и покрај вложениот труд нејзиниот успех воопшто не и' помага за добивање на работа.
- Се запишав на магистерски затоа што не можам да најдам работа, па се надевам дека со повисок степен на образование ќе имам поголеми шанси. Сум аплицирала на многу конкурси што излегуваат во весниците, но досега без успех. Проблемот е во тоа што нема строга поделба за тоа каков кадар се вработува, а во многу случаи несоодветни кадри се вработуваат во институциите. Но, да биде проблемот поголем, јас не можам да барам работа надвор поради визниот режим, па сум принудена да останам тука - вели таа.
Експертите велат дека и покрај невработеноста, големиот интерес да се запишуваат на факултетите е затоа што луѓето сметаат дека така ќе најдат побргу работа или додека чекаат најдобро е да вложат во образованието. Трендот на зголемен интерес за студирање се должи на желбата за подобро вработување, но некои и да ги зачуваат постојните работни места за кои со новите систематизации се принудени да се дообразуваат. Професорот од Економски факултет, Славе Ристевски, вели дека решението за намалување на невработеноста е да се развие стопанството.
- Во основа нема доволни работни места, а има вработено неадекватна структура на кадарот. Македонија е мал пазар и се заситува, но и во оние компании каде што има вработени се избрани погрешни кадри затоа што некои од менаџерите страхуваат да вработуваат квалитетен кадар. Иако има невработеност сите имаат надеж дека ако завршат високо образование ќе се вработат. Но, проблемот не е само во високообразовните кадри. Мора да се отворат нови работни места за да се спречи одливот на мозоци. Студентите по завршувањето студии гледаат излез од лошата економска состојба. Со продолжувањето на своето образование се надеваат на подобар живот - вели Ристевски.
Професорот по социологија на Филозофски факултет Зоран Матевски вели дека сега пазарот е отворен и кадрите треба да се докажуваат за да добијат вработување. Тој додава дека сега државата не планира колку кадар и' е потребен и дека практиката на школување онолку кадар колку што е потребно да се вработи не постои веќе. Матевски додава дека функцијата на образовните институции е да едуцираат, а не и да одговараат за вработувањето на кадарот.
- За големата невработеност основниот проблем е лошата економска состојба. Матурантите откако ќе завршат средно, бидејќи не можат да работат, продолжуваат да студираат, со тоа што на некој начин го одложуваат вработувањето и се чекаат подобри времиња за вработување - вели Матевски.Од Агенцијата за вработување велат дека се прават проекти и оперативни планови за подобрување за креирање нови работни места и обезбедување квалификувана работна сила преку развој на вештините на невработените. Како еден од проектите за отварање нови работни места го наведоа Проектот за само вработување со кој невработените лица може да почнат свој бизнис.
извор Дневник
|