| Студирање на Кембриџ - зошто не? |
| 5.01.2010. | |
|
Фондацијата „Пексим“ обезбеди неколку стотици илјади евра за оние што ќе успеат да се запишат на Кембрџ
„Кога имате луѓе кои се образовани на најпрестижните универзитети на светот, тие без комплекси ќе можат рамноправно да седнат на маса со кого било“, вели Михаил Петрески, основач на „Пексим фондацијата“, која ќе стипендира студенти од Македонија кои ќе успеат да се запишат на некој од факултетите на Кембриџ. За таа цел, како што објаснува Петрески, самиот ќе вложи меѓу 300 и 500 илјади евра лични средства кои очекува да бидат доволни за почеток на работата на фондацијата. Петрески и' е познат на нашата јавност како основач на една од нашите најдобри ИТ-компании, „Пексим“, која сега е дел од најголемата ИТ-компанија во Југоисточна Европа, „Асеко“. Во светот важи уверувањето дека на престижните универзитети може да се запише некој кој или е екстремно талентиран или, пак, има многу пари. Кај нас нема дефицит на умни млади глави, барем така покажуваат тестирањата за коефициентот на интелигенција, што не може да се каже за парите. Оние, пак, што имаат непосредно искуство како е да се биде дел од некој врвен универзитет, велат дека не е се' во парите. „Во Кембриџ важи непишаното правило ’ваше е да успеете да се запишете, дипломирањето е наша грижа‘“, вели Небојша Радиќ, директор на програмите за странски јазици на Кембриџ, а истовремено и кошаркарски тренер на универзитетската екипа, по потекло од Србија. Другарувањето и играњето кошарка пред 35 години со Петрески во Белград овозможи да заживее идејата за помош на млади луѓе кои ќе студираат на Кембриџ. На Кембриџ главниот проблем не е завршувањето на факултетот, туку совладувањето на приемните тестови и интервјуата. Колку за илустрација, само 30 отсто од пријавените успеваат да се запишат на Кембриџ, но затоа дури 99 отсто од запишаните ги завршуваат студиите во редовниот рок. Меѓу другото, задача на фондацијата ќе биде да обезбеди информации како воопшто да се запише таму, кои се процедурите, што е потребно за упис, каков успех во училиште, какви профили итн. „На уписот и на студирањето во Кембриџ не може никој да влијае. Кембриџ ги бира најдобрите студенти, апсолутно не ги интересира од каде е некој. Кога еднаш ќе бидат примени, студентите би било потребно финансиски да бидат поддржани, бидејќи не доаѓаме од ЕУ, значи плаќаме повисока школарина“, објаснува Радиќ. Годишните трошоци, вели Радиќ, се околу 25 илјади фунти по студент. „Во сумата влегуваат трошоците за стан и храна, бидејќи практично се живее во колеџ, како и школарината“. На прашањето постои ли интерес кај младите од Македонија да аплицираат во Кембриџ, Радиќ вели дека запознал неколку македонски студенти, но, според него, на Балканот, генерално, постои мисконцепција во врска со универзитетите како што се Кембриџ или Оксфорд, бидејќи луѓето тука мислат дека станува збор за пари. „Но, не е така“, вели Радиќ. Како пример, наведува дека во градот Кембриџ има само два универзитета: Кембриџ, кој е најдобар во земјата последните години, и уште еден, кој е 56. по ранг, но школарината и на двата е иста. И Радиќ, како и Петрески, вели дека фондацијата „Пексим“ ќе овозможи да се формира пирамида на талентирани млади луѓе од Македонија, од кои сите можеби нема да успеат да се запишат на Кембриџ, но важно е да се врати довербата во институциите, во работата, во науката и во учењето, како и да се прифати фактот дека од работа и од наука може убаво да се живее. Единствената обврска на стипендистите на Кембриџ ќе биде по дипломирањето да се вратат и да работат одредено време во Македонија. „Поради ова, вели Петрески, воспоставена е соработка со државните институции, особено со Министерството за образование, со цел да се одредат оние профили кои се најпотребни во земјава и кои работно ќе бидат соодветно ангажирани веднаш по дипломирањето. На тој начин ќе се овозможи двојна придобивка, дипломираните студенти да не се грижат за работното место, а тие, пак, со себе ќе донесат не само знаење, туку и работни навики што ќе ги применат тука. Уписите на Кембриџ, објаснува Радиќ, почнуваат со тоа што до 15 октомври се примаат пријавите за наредната година. До 15 октомври 2009 се примаа документи за упис во 2010 година. Тука се прави првата селекција. Потоа во периодот декември-јануари селектираните се повикуваат на интервју. Веројатно тоа ќе биде една од задачите на фондацијата, да им помогне и на студентите што ќе добијат повик за интервју да го платат билетот да одат на разговор. Кога конечно ќе се запишат, понуденото место е условно. Условот е во и во завршната четврта година од средното училиште да остварат успех што го имале дотогаш. Дури потоа им се нуди дефинитивно место на факултет. |
| < Претходно | Следно > |
|---|





Целта на порталот како прв и единствен од ваков вид во Македонија е да им даде целосна и вистинита информација на сите баратели но и потенцијални корисници на стипендии , доделени во Македонија или од странство .