|
СТУДЕНТИТЕ И УЧЕНИЦИТЕ НЕЗАДОВОЛНИ ОД СОСТОЈБИТЕ
Корупцијата во високото образование, нискиот студентски стандард, нередовната исплата на студентските стипендии и кредити, како и низата проблеми во средното и во основното образование, како што се проблемот со бесплатните учебници, изучувањето на македонскиот јазик за првачињата Албанци и уште редица други, ја одбележаа учебната година.
Вчера, по повод Денот на образованието, беа организирани повеќе трибини на кои студентските организации го изразија своето незадоволство од условите кои им ги нудат надлежните.
Годинава повторно се отвори прашањето за корумпираните професори, за кои дури 60 проценти од анкетираните граѓани се изјаснија дека ги има, но, сепак, повторно без реални индиции за нивно спречување. Студентите се плашат да ги пријават професорите, а Никола Тодоров, министерот за образование, посочи дека без конкретни пријави не може да стори ништо.
- Со паушални изјави од студентите не можеме да постигнеме ништо затоа директно мора да го посочат професорот што им побарал мито. Убеден сум дека најголем дел од оние што функционираат во образованието не се корумпирани и дека солидно, квалитетно, транспарентно и чесно си ја извршуваат работата. Проблемот е во една мала група поради која се креира ваква перцепција - рече Тодоров.
Студентите, пак, револтирано посочуваат дека и да станува збор само за мала група, таа веднаш треба да се санкционира. И од Младинскиот образовен форум вчера на трибина на приватниот Универзитет ФОН потсетија за проблемот со корупцијата, посочувајќи дека на факултетите треба да се воведе етички кодекс кој треба да го потпишат сите професори. Оттаму посочија дека изработуваат анализа за дисперзираните студии, кои досега се покажаа како недоволно квалитетни поради нередовната присутност на професорите на предавањата, како и поради немањето просторни капацитети. Дел од стручњаците оценија дека со отворањето на дисперзираните студии и со можноста повеќе од 90 проценти од средношколците да го продолжат образованието се врши вештачко намалување на невработените. Студентите, исто така, се пожалија дека поради недостигот од практика на факултетите, по завршувањето на образованието не можат да се вработат бидејќи работодавците бараат работници со работно искуство.
- Најголемиот дел од студентите што студираат на општествените науки истакнуваат дека по завршувањето на факултетот не се чувствуваат подготвени за работа. Факултетите треба да станат врска меѓу студентите и пазарот на трудот - велат од Младинскиот образовен форум.
И условите во кои студираат студентите се на незадоволително ниво. Со месеци доцнат исплатите на кредитите и на стипендиите, а условите во студентските домови се далеку од нормални.
- Министерот ни вети дека до април ќе се заврши реновирањето на машката зграда во студентскиот дом „Стив Наумов“, но еве и по еден месец од неговото ветување, зградата се уште не е готова - вели студент сместен во домот „Стив Наумов“.
Освен проблемите во високото образование, и учениците ја почувствуваа на своја кожа неажурноста на надлежните. Седмоодделенците и четвртоодделенците речиси целата година ја поминаа без учебниците, кои бесплатно им ги вети Министерството.
|